Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

ДУИ и Вреди во клинч за Охридскиот договор

/

Македонија

Сподели преку :

Партиите од албанскиот блок во нов политички судир – овојпат околу Охридскиот договор. Додека ДУИ ја обвинува Владата дека ги брише Албанците од приказната за државата, Вреди возвраќа дека договорот не е сопственост на ДУИ. Политичките разлики се продлабочуваат и со барањето на Али Ахмети за предвремени парламентарни избори.

Одбележување 35 години независност, промотивен спот и пораки за заедништво – но, наспроти тоа, нов политички клинч на релација власт и опозиција. Партиите од албанскиот блок, овојпат се судрија околу Охридскиот договор и местото на Албанците во приказната за државата. Од опозициската ДУИ ја обвинуваат Владата дека со спотот за 35-годишнината од независноста ги брише Албанците и клучните моменти од заедничката историја, меѓу кои и Рамковниот од чие потпишување годинава се одбележуваат 25 години. Велат дека тоа е доказ за Влада која исклучува, а главните критики ги адресираа до опонентите од Вреди.

  • Демократска унија за интеграција: „Наместо овој јубилеј да ги претставува сите граѓани и заедничкиот пат на државата, Владата избра да прикаже исклучиво македонска верзија на нејзината историја. Спотот е само на македонски јазик. Уметниците се Македонци. Албанците практично не постојат во приказната што Владата ја подготвила за 35 години на државата. По две години систематско демонтирање на механизмите на Охридскиот договор, сега се прави обид да се демонтира и сеќавањето на него. Ова е враќање назад кое не смее да се нормализира.“

Од владиниот коалициски партнер Вреди велат дека Охридскиот договор не е сопственост на ДУИ, туку историско достигнување на Албанците. Обвинуваат дека интегративците со години го користеле Рамковниот како политички капитал и најавуваат законско гарантирање на правичната застапеност, но и вистинска децентрализација.

  • „Во името на овој договор и на жртвата што стои зад него, се појавија луѓе опседнати со фотелји и моќ, луѓе вкочанети од власта. Во негово име се појавија милионери, се издигнаа семејни бизниси и се изгради систем што им служеше на мал број луѓе. Охридскиот договор не е тапија на ДУИ. Не е сопственост на Али Ахмети, ниту семејно наследство на неговата клика. Тој е историско достигнување на Албанците. Оваа приказна повеќе не поминува. Влен не го споменува Охридскиот договор само кога доаѓа годишнината. За нас, тој е обврска за конкретна работа“ – Дритон Сулејмани – Вреди.

Во услови на продлабочени политички разлики и несогласувања, лидерот на ДУИ, Ахмети, во интервју за емисијата „Клик“ на РТВ21 повторно ја отвори темата за предвремени парламентарни избори, со објаснување дека тоа е најсоодветен начин за промена на политичката клима и дека мора да се избегне понатамошно влошување на сегашната ситуација. Од Вреди одговараат дека се подготвени за изборно соочување и дека се сигурни во победа, но за нив е многу поважно да го довршат мандатот до крај и да ги испорачаат ветувањата што ги дадоа на граѓаните.

Петар Догов

Б.С.

Jumbo 2