Доколку сакате да купите имот или да го смените сопственикот, ќе платите поскап имотен лист, па наместо досегашните 1.250 денари новата цена ќе биде околу 4.000 денари. Но, освен имотниот лист, поскапуваат и геодетските услуги за кои Владата на 30 јануари дала согласност, а тарифникот стапил на сила на 15 февруари.
- „Во претходниот Тарифник овој надоместок се наплаќаше по правен основ, односно поднесено барање и во еден правен основ можеше да се содржани неограничен број на имотни листови. Сегашниот надоместок останува непроменет, но се однесува на еден имотен лист. Овој надоместок се наплаќа само при првиот упис и кога се менува сопственикот. Секое следно вадење имотен лист останува со цена од 250 денари“, велат од Агенција за катастар на недвижности
Ова е уште еден удар врз џебот на граѓаните и компаниите, се пожалија тие. Сметаат дека поскапувањето на катастарските услуги е премногу, а оправдувањата срамни.
- „Го гледаат дека народот нема, а го исцедија. Нема веќе од зошто, затоа викаат и кредити ќе земаат. Јас не купувам стан не знам имам, но тие сега што купуваат ..тешко. Мислам превисоки им се цените, тоа е многу. А, оправдувањата што ги кажаа зошто го покачуваат, срамно е. Кога пола и повеќе од државата ни живее на работ на опстојување со вакво нешто стварно е многу“. -Поскапуваат и геодетските услуги? – Да тоа уште повеќе, или па мислат само богаташите можат да купат стан па дај да им земеме може и тоа да е“, велат граѓанки.
- „Исто проект да ти направат и тоа поскапува, се е поскапено. Во ред е за мерак, многу убаво за народот. Само ние сме криви, народот е крив што е мирен, што е добар“, вели граѓанин.
Од агенцијата за катастар велат дека зголемувањето било направено поради зголемените реални трошоци за струја, гориво, лиценци за софтвери, одржување на опрема, зголемувањето на платите и друго, кои биле основа за пресметување на надоместокот, а се однесуваат за извршување на геодетски работи. Освен поскапување, следи и намалување, информираат од Катастар.
Со овој Тарифник е извршено намалување на цените на податоците од Геодетско-катастарскиот информационен систем во катаегоријата геодетски точки, сервисите на МАКПОС, податоците од катастарот на земјиште, податоците од Регистарот на просторни единици се бесплатни, а копијата од катастарскиот план исто така е со намалеена цена, се наведува во одговорот на Катастар. Измените во тарифиникот следат по бурните реакции на засегнатите фирми и граѓани, на што инситуцијата уверуваше дека овие поскапувња ќе бидат незначителни.
Симона Петровска













