Изградбата на дата центри е важна за да се држи чекор со светот и при тоа да се остварува одреден бенефит, но претходно мора да се одговорат низа прашања и да се одреди точно за каков тип на дата центри станува збор, велат експертите.
Според Божидар Симовски, чија специјалност е сајбер-безбедноста, прво мора да се знае точно колкава ќе биде инсталираната моќност во конкретниот дата центар, колку често ќе се менуваат серверите, како ќе се напојува со струја, колку ладење ќе биде потребно и дали воопшто ќе има резервен систем ако напојувањето падне.
Во меѓувреме, политичките партии и натаму ја користат оваа тема за меѓусебна конфронтација. Опозицијата смета дека Македонија нема ресурси за изградба на дата центри и критикува дека преговорите со потенцијалните инвеститори не се транспарентни.
Власта возвраќа дека опозицијата е против напредокот на државата и апелира да не се шират лаги и хистерии.
„Не се објавуваат кои се, не се објавуваат условите под кои на тие компании Мицкоски им ги поклонува водата, земјиштето и огромни количества струја. Нема одговори. Нема имиња. Нема ништо. Мицкоски работи „под радарот“.Не кажува колку струја и колку вода ќе трошат дата-центрите“, вели Маја Борозан од СДСМ“ – вели Маја Борозан од СДСМ.
„Идејата за развој на овој вид на индустрија ја напаѓаат со некои работи кои датираат од повеќе од пред една декада. Сега Македонија е пазарна економија и јасен е начинот на постигнување на цената на струјата и кој ја плаќа истата. Исто така сега има низа на начини за ладење на водата кои зависат од тоа за што се наменети дата центрите. Значи, по овие прашања СДС само шири паника во јавноста“, вели Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
Експертите посочуваат дека дата центрите се многу значајни за секоја држава бидејќи се критична инфраструктура без која не се може во денешницата, но важно е да се има конкретен план и стратегија каква ќе биде нивната намена, кој ќе ги гради и добро да се процени нивната економска исплатливост пред да се започне каков било проект.
Мирјана Јовеска













