Во јануарските сметки за струја, кои граѓаните ќе ги добијат во февруари, нема да им бидат засметани 200 денари за пристап до мрежа. Оваа сума ќе продолжи да се плаќа од февруарската сметка, која граѓаните ќе ја добијат во март, порача денеска првиот регулатор Марко Бислимоски.
Во декемвриските сметки, кои граѓаните ги добиваат овој месец, е пресметана и ставката пристап до мрежа која беше воведена од почетокот на годинава. Декемвриските сметки опфаќаат период од декември и дел од јануари, па во сметките ја има и оваа ставка.
Бислимовски вели дека Електродистрибуција не погрешила со сметките, но за да нема сомнеж дека некој прави екстра профит на грбот на граѓаните, парите ќе им бидат одбиени од наредната сметка.
- Со цел да нема никакви сомнежи кај граѓаните, кај потрошувачите, јануарските сметки коишто граѓаните ќе ги добијат во февруари ќе го нема тој надоместок од 200 денари за да ги тргнеме сите сомнежи дека тоа е екстра давачка, и дека тоа за некого ќе претставува профит- Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.
Ставката пристап до мрежа од 200 денари е воведена од почетокот на оваа година и донесе пониски цени за мрежарината, на сметка на тоа што оние што користат малку струја ќе плаќаат за пристап до мрежа. Според Бислимовски, со новата давачка се воведува правичност, затоа што не е во ред оние кои постојано ја користат мрежата, да плаќаат исто со оние кои тоа го прават ретко, како на пример во викендиците.
Срѓан Стојанчов













