Во Европската унија во моментов постои посебен интерес за процесот на проширување. За разлика од порано, сега се зборува и за конкретни држави кои би можеле да се приклучат. Ова е оценката на австрискиот амбасадор во земјава, Мартин Памер.
Тој ова го изјави денеска на конференцијата во Скопје, организирана во рамки на „Славков 3“ – неформалната иницијатива на Австрија, Чешка и Словачка за поддршка на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан.
Памер најави дека за една недела во Виена ќе се одржи министерска конференција меѓу земјите од Западен Балкан и трите земји од „Славков“, на која ќе се разговара за напредокот кон ЕУ.
„Секако, може да гледате на тој процес во смисла дали чашата е полуполна или полупразна. Северна Македонија направи одлична работа во однос на Планот за раст и благодарение на тоа, на земјата ќе ѝ бидат алоцирани 140 милиони евра за да се придонесе за натамошниот напредок. Сметам дека е важно да се одржи чекорот, издржливоста и посветеноста“, изјави Мартин Памер, амбасадор на Република Австрија.
Во меѓувреме, во ЕУ се засилува дебатата за нов модел на проширување – постепена интеграција и конкретни придобивки, пред полноправното членство. Кој од предлозите ќе биде прифатен, сè уште не е јасно, вели амбасадорот Памер.
Француско-германскиот нон-пејпер е една од иницијативите, додека неформална група на земји-членки на ЕУ што заеднички се залагаат процесот на проширување кон Западен Балкан да остане високо на агендата, бараат идните членки да не бидат третирани како членки од втор ред.
Во октомври, на состанокот на Европскиот совет лидерите на земјите-членки ќе одржат стратешка дискусија за иднината на проширувањето. За крајот на месецов е закажана и посетата на регионот вклучително и на Скопје, на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Петар Догов













