„Анима мунди“ бара одговори и обвинува за масовна чистка на мирни маалски миленици во Прилеп.
Во објавата се вели дека чистење на една локација од мирни и познати кучиња, со сигурност отвора простор за прилив на нови, нестерилизирани, непознати на локалното население кучиња.
Загрижени граѓани им јавиле дека мирното куче Лиска, кое било чувано во населбата Точила, било заловено на 17 септември, а кога граѓаните отишле во прифатилиштето со намера официјално да ја вдомат, Лиска не била таму.
Бидејќи според граѓаните кафезите биле празни, сега „Анима мунди“ ги повикува доколку поседуваат фотографии, снимки од надзорни камери, видеозаписи или други информации, да им ги достават [email protected].
Тие од ЈКП „Комуналец“ – Прилеп побарале официјални информации и документација за активностите поврзани со заловување и транспорт на кучиња во периодот од 1 до 23 септември 2026 година, вклучително и евиденции за заловените кучиња, локациите и геокоординатите на заловување, приемот во прифатилиштето, ветеринарниот третман, вдомувањето, враќањето на терен или друг исход.
Посебно од „Анима мунди“ бараат информации за Лиска, Душко, Светле, Симба, Белка, Поко, Ноли и Шарка, како и одговор каде се наоѓаат овие кучиња денес.
Во меѓувреме, информираат дека добиле информација дека Агенцијата за храна и ветеринарство веќе извршила вонреден инспекциски надзор, поради што официјално побарале пристап до записникот и целокупната документација од извршениот надзор.
Исто така и до Министерството за внатрешни работи е поднесено барање за пристап до информации од јавен карактер со кое бараме да утврдиме дали полицијата била службено ангажирана при заловување и/или транспорт на кучиња во Прилеп во периодот од 1 до 23 септември, а особено на 17 септември 2026 година, по чие барање била ангажирана, кому му асистирала и каква службена документација постои за тоа постапување.
„Анима мунди“ од градоначалникот на Прилеп и од Општина Прилеп бара јавно да одговорат дали се запознаени со заловувањето на кучињата, кој го организирал и спроведувал, каде се однесени кучињата и каде денес се Лиска, Душко, Светле, Симба, Белка, Поко, Ноли, Шарка и останатите исчезнати кучиња.
„Кучињата не се предмети. Нивната судбина не може да биде тајна“, велат од „Анима мунди.
























