Вчерашниот ден беше најтежок во оваа сезона на пожари поради сериозното загрозување на населени места, оцени директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Во текот на денот биле регистрирани повеќе од 40 пожари на отворено.
Најдраматична била ситуацијата во Богомила и во пелагониските села Ивањевци, Лознани и Новоселани, каде огнот се приближил до куќите.
Благодарение на брзата реакција на жителите, пожарникарите и тимовите на ДЗС, биле спречени поголеми последици.
Во Лознани пожарот се движел низ високата сува трева на само педесетина метри од куќите. Во гаснењето биле ангажирани четири возила „Пинцгауер“, локални пожарникари и 20 припадници на доброволното противпожарно друштво „Архангел“ од Битола.
Еден жител бил повреден и пренесен во болница поради изгореници на дланките.













