Агенцијата за национална безбедност, во координација со МВР и ОЈО, презела истражни дејствија за откривање и попречување на пропагандна мрежа во земјава, за која АНБ оценува дека е поврзана со странски фактори и има цел да влијае врз јавниот дискурс.
На 18 септември бил извршен претрес во домот на македонски државјанин, при што биле пронајдени и одземени предмети кои се предмет на дополнително вештачење.
Според АНБ, лицето е поврзано со странски актери кои преку мрежа на портали, вклучително и псевдо-портали со македонски интернет домен, шират дезинформации и менуваат наративи за актуелни настани.
Агенцијата тврди дека активностите се насочени кон поткопување на довербата во институциите и поттикнување етничка и национална нетрпеливост, а мрежата ја поврзува со руски интереси.
Истражните дејствија се преземени по сомневања за сторени кривични дела поврзани со предизвикување национална, расна и верска омраза, одавање службена тајна и ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем.
Од АНБ најавуваат дека ќе продолжат со активности за откривање и спречување на, како што наведуваат, субверзивно-пропагандни активности поврзани со регионални проруски политички структури.













