Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

25 години Охридски договор – достигнувања и отворени прашања

/

Македонија

Сподели преку :

25 години подоцна, Охридскиот рамковен договор останува темел на меѓуетничките односи во земјава. Што е постигнато, а што сè уште останува предизвик? Од правичната застапеност до децентрализацијата и финансирањето – дел од прашањата и по четврт век остануваат отворени.

Охридскиот договор не е само лекција од минатото и темел на меѓуетничките односи, туку обврска за иднината. Пораката од одбележувањето на 25-годишнината од потпишувањето е јасна – придобивките да се негуваат, а етничките линии да се надминуваат. Дел од учесниците на дебатата тврдат дека денес имаме стандарди за заштита на правата на граѓаните повисоки и од некои земји-членки на Европската унија. Но, многу од прашањата и по четврт век остануваат отворени.

  • „Јас лично сметам дека ние како држава сме созреале да имаме капацитет веќе да ги надминуваме етничките линии и да градиме вистинско граѓанско општество насочено кон предизвиците на 21 век и времето во коешто ние живееме“ – Тимчо Муцунски – Министер за надворешни работи и надворешна трговија.
  • „Нашето внимание да го насочиме кон иднината, кон зајакнувањето на владеењето на правото, развојот на општеството, инклузивноста и градењето кохезија и доверба меѓу сите граѓани што ја сочинуваат нашата држава“ – Агон Ферати – Министер за односи меѓу заедниците.

Дипломатката на ОБСЕ, Кларис Пастори, која била ангажирана во Македонија во периодот на преговорите и имплементацијата на Договорот, оцени дека Рамковниот е повеќе од мировен договор.

  • „Се работи за инклузивен договор којшто се погрижи сите да работиме во истите институции. Тоа е договор којшто ги штити основните поединечни, индивидуални и колективни човекови права, ги вклучува заедниците и ја прави Северна Македонија земја за сите заедници, со еднакви права и обврски“ – Кларис Пастори – Дипломат на ОБСЕ со долгогодишно искуство на Западен Балкан.

Правичната застапеност е поставена како едно од начелата на Охридскиот договор, но дел од актуелните и поранешните градоначалници негодуваат поради распределбата на финансиите. Децентрализацијата е еден од неговите клучни столбови – со цел поголеми надлежности за локалната власт и поголемо учество на граѓаните во носењето одлуки, особено во средини со различен етнички состав.

  • „Една општина со повеќе капацитети може да оди напред, а помала или посиромашна општина останува позади без оглед на тоа што истите граѓани уживаат исти права. Застој има и во рамноправниот регионален развој“ – Биљал Касами – Градоначалник на Општина Тетово.
  • „Тешко дека постои власт којашто сака да се развласти. Децентрализацијата сама по себе не е власта да ми префрли средства мене како градоначалник или на општината и да инвестираме во проекти, туку со законски решенија да ми овозможи менаџирање на сопствените ресурси“ – Костадин Костадинов – Поранешен градоначалник на Општина Струмица.

Свеченото одбележување на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор продолжува и утре, со активности во организација на Министерството за односи меѓу заедниците.

Петар Догов

Б.С. 

Jumbo 2