Во Македонскиот народен театар денеска (01. септември 2026 год.) започнаа пробите за новата претстава „Црно злато“, по текст на култниот македонски драматичар Дејан Дуковски, што ќе ја постави Слободан Унковски, еден од најзначајните македонски режисери.
По долгогодишната и исклучително значајна творечка кариера, Унковски повторно се враќа на големата сцена на МНТ. Неговата последна режија на оваа сцена беше претставата „Сите сме птици“, во 2022 година, со која оствари уште еден голем успех.
„Црно злато“ носи авторски потпис на Дејан Дуковски, драмски автор чие творештво со својата специфична естетика, црн хумор, остар јазик и препознатлив авторски сензибилитет, остава голем печат во македонскиот и европскиот театар.
Во центарот на приказната е едно семејство, неговите премолчени конфликти, трауми, љубови, загуби и обиди за повторно пронаоѓање на сопствениот идентитет. Ликовите се соочуваат со семејната транзиција, минатото кое не исчезнува и сегашноста која постојано ги враќа едни кон други.
Во улогите настапуваат: Димитрие, таткото, „забеган“ – Јовица Михајловски, Мара, загрижена и „отидена“ – Мими Таневска, Анѓела, изгубениот син Анѓеле, кој се враќа дома како реализирана жена на средни години – Камка Тоциновски, Кате, ќерката и помалата сестра на Анѓеле, заглавена во фамилијарната транзиција – Нела Павловска, Семир, трговец поединец, речиси адвокат, „насукан“ на Кате – Григор Јовановски, Киро, бивша љубов на Анѓеле – Сашко Коцев, Извршителот, претходно Сале пицајзла – Софиа Насевска -Трифуновска и Барабата, бараба – Гораст Цветковски.
Креативниот тим го сочинуваат сценографотБранко Хојник, костимографот Александар Ношпал, композиторот Златко Ориѓански, асистент на режисерот Звездана Ангеловска и асистентот на сценографот Мартин Манев. Во претставата учествуваат и музичари и хор.
Со „Црно злато“, МНТ повторно ги обединува имињата на Дејан Дуковски и Слободан Унковски- тандем кој во македонскиот театар носи препознатлив сценски јазик, силни ликови, провокативни теми и исклучителна драматуршка и режисерска енергија.
Премиерата на „Црно злато“ се очекува во текот на декември 2026 година.
Праизведбата на текстот „ Црно злато“ , на Дејан Дуковски се одржа во Белградскиот драмски театар во март годинава, во режија на Оливер Фрлиќ. А, првото гостување на претставата надвор од Србија беше на затворањето на 60. МТФ „ Војдан Чернодрински“ во Прилеп.












