Кога една личност има неограничена моќ, а ограничена свест, прави неограничени општествени и лични проблеми. Ова е пораката на претставата „Алиса се враќа дома“, чија праизведба ќе се одржи вечерва во Драмскиот театар – Скопје. Текстот напишан од Ивана Смилевска по инспирација на романите на англискиот автор Луис Керол „Алиса во земјата на чудата“ и „Низ огледалото“, низ постановката на режисерката Моника Ставревска, го поврзува светот на бесмислата на Керол со нашата актуелна стварност.
„Затоа многу ни е важно и на мене како авторка и на Моника Ставревска, како режисерка, да ја потенцираме таа комичност што се јавува кај него и преку неа да извлечеме и да извеземе една антибајка“, изјави Ивана Смилевска, авторка на текстот.
„Или сме премали или сме преголеми, никако да бидеме како што треба. И никако таа состојба на постојано прашување на себеси, како во ова да преживеам, како со ова да преживеам. И едноставно почнуваш да се помируваш со работите“, изјави Моника Ставревска, режисерка на претставата.
Дејствието ја следи 40-годишната Алиса во фантазмагорични околности пред да стане кралица. Нејзината љубопитност не е политички коректна, а желбата на кралицата-мајка да ја наследи, го покажува јазот меѓу генерациите.
„Многу беше лесно да се идентификувам, бидејќи со сѐ што се случува сега во светот, навистина како во земјата на чудата да живееме. Тоа сакам да кажам, претставата зборува за моќта, за идентитетот, за наоѓање на своето место во овој свет“, рече актерката Соња Стамболџиоска во улогата на Алиса.
„Суровоста што ја има и нечуствителноста кон своите деца, кон луѓето со кои соработува е апсолутно нешто што го имаме и денес. Меѓутоа во некаква позавиена форма“, изјави актерката Билјана Драгичевиќ Пројковска во улогата на Црвената кралица.
Претставата работена за возрасна и младинска публика е дел од политиката на Драмскиот театар за поставување нови текстови од македонски автори и афирмација на млади театарски имиња. А, овој театарски чин, чија реприза е утревечер, е дипломски испит по режија на Моника Ставревска на ФДУ-Скопје.
Сотир Трајков












