Во Културниот центар „ Лабораториум“ вечерва ќе се одржи македонска премиера на танцовиот филм „ Миревица“. Се работи за остварување во кое преку танцовиот израз оживува легендата за Миревица од Лазарополе.
Филмот е снимен минатата година , во рамките на уметничката резиденција „ Креативен викенд“, што по 17 пат се одржа во мијачкиот крај, а негови автори , режисери и кореографи се нашата истакната балерина , кореографка и педагог- Искра Шукарова и Паулина Руиз Карбаљидо, мексиканско- француска танчерка, кореографка и перформерка.
Оживување на легендата за Миревица од Лазарополе низ танцов израз. Вака нашата истакната балерина, кореографка и професорка по балетска педагогија на ФМУ во Скопје, Искра Шукарова го опишува видео- танцот „ Миревица“.
Неговата македонска премиера ќе се одржи вечерва во Културниот центар „ Лабораториум“, по учествата на филмот на фестивал и на Биеналето за видео – танци и изведувачки уметности во Аргентина.
Ова остварување спојува движења со природните убавини на мијачкиот крај, македонскиот фолклор и културната меморија, поврзана со легендата за Миревица, преточена во поемата од Јован Ламбески. Филмот е снимен на т.н. Миревичина карпа од која девојката скокнала, одземајќи си го животот, вели Шукарова.
Драматично го завршила својот живот. Легендата така вели, дека не сакала да се мажи за некој што едноставно не и било срцето кон него, туку сакала некој друг. Беше откритие затоа што тоа е просторен вортекс. Толку е моќно тоа место и погледот, и воопшто енергијата што е поврзана со самото место, кажа Искра Шукарова.
Танцовиот филм настанал минатата година како авторски проект меѓу Шукарова и Паулина Руиз Карбаљидо, мексиканско- француска кореографка, перформерка и истражувачка , на уметничката резиденција „ Креативен викенд“ во Лазарополе. Тие примениле соматско движење, за кое Карбаљидо има сертификат, а го користи и Шукарова како изведувач.
Тоа е едно длабоко слушање на телото. Поврзување на телото со психата. Значи воопшто холистички пристап, органика на тело, дух и движења , кои што произлегуваат од сета таа пракса, рече Шукарова.
Освен Шукарова и Карбаљидо, гласовите во танцовиот филм „ Миревица“ се на Елена Митреска и Јован Ламбески, кој и свири на гитара . Применетата музика „ Лазороска“ е по текст на Ламбески , а во аранжман на Таше Грујовски.
Продукцијата на филмот е на V.I.D.D.A – француско здружение што се занимава со креирање и дистрибуција на изведувачки уметности, видео- танц, кино- танц и иницијативи за соматско движење. А, копродуцент е уметничката резиденција „ Креативен викенд“, зад која стојат Ламбески и Митреска.
Со вечерашното прикажување на филмот се затвора 17 сезона на уметничката резиденција „ Креативен викенд“. А, овој видео-танц по Скопје, е планирано да се прикаже на фестивал во Париз.
Сотир Трајков












