Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Утре скопска премиера на „Нема да ви се верува што се случи претходно“

/

Култура

Сподели преку :

Пред утрешната скопска премиера на филмот „Нема да ви се верува што се случи претходно“ на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ, денеска средба со него по затворената новинарска проекција на филмот, работен по сценарио на Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски. Tрилер со елементи на црна комедија е жанровската мешавина на остварувањето, кое што зборува за двајца новинари, вплеткани во мрежа од политички, криминални и медиумски интереси. Потрагата по вистината го става на испит нивниот личен и професионален интегритет пред сеприсутната корупција.

„Тргнав од идејата, од самата слика што може да му се случи на еден човек за еден и пол до два часа во кола, пред да објави една ваква вест“, изјави Срѓан Јаниќијевиќ, режисер на филмот.

„Една приказна за една девијантна појава која што ни е блиска- корупцијата пред сè. Раскажана на поинаков начин“, рече актерот Оливер Митковски.

Главните улоги ги толкуваат Никола Ристановски и Дарја Ризова, а настапуваат и Сашко Коцев, Сара Сандева, Марјан Наумов и други.

„На филмот работев со колеги со кои веќе долги години соработувам на театарската сцена. И нивната колегијалност и професионалност ми дадоа многу голема сигурност, правејќи го овој филм“, истакна актерката Дарја Ризова.

Директор на фотографија е Дејан Димески. Монтажер е Мартин Иванов, костимограф е Лидија Георгиева, а композитор на музиката е Игор Василев-Новоградска. Главен продуцент е Сашо Пешев, а филмот е снимен во копродукција меѓу „Њу момент“ и „Ново македонско видео“.

Филмот имаше светска премиера на меѓународниот филмски фестивал во Олденбург, Германија, а македонската беше на затворањето на 47. „Браќа Манаки“ во Битола.