„Сестра, брат и шахта“ е чудна комедија за оние што имаат и оние што немаат, во исто време лута сатира и суптилна поема за брат и сестра кои живеат на маргините на општеството. Но, и покрај тоа што се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.
„Сестра, брат и шахта“ е една лута сатира и еден нежен портрет во исто време на брат и сестра, кои со хумор и со пркос се справуваат со едно корумпирано општество. Нашите Ивица и Марица крадат бисти на народни херои и шахти, еден ден се среќаваат со една слепа богата бабаба“, вели режисерот Милчо Манчевски.
Двајцата главни ликови во филмот ги играат Сара Климоска во улогата на Малина и Филип Трајковиќ во улогата на Виктор.
„Некако силата и пркоста на Малина ми беа јасни уште од првото читање на сценариото. Поважната задача за мене беше како да произлезе таа ранливост, а дополнително да не се потенцира, да не се преглумува, да не се доигрува“, рече актерката Сара Климоска, во улогата на Малина.
„Во однос на она што го има Виктор, а што другите не го гледаат, е еден сериозен, стоички оптимизам, што никако не може никој да му го сруши. Постојано верува дека луѓето се добри и дека доброто на крај ќе победи“, изјави актерот Филип Трајковиќ, во улогата на Виктор.
За продуцентот Јане Ќортошев, кој соработуваше со Манчевски и на филмовите „Врба“ и „Кајмак“, дијалогот на Манчевски е секогаш толку жив и уникатен, што сценариото не може да те остави рамнодушен, затоа и соработката со него е секогаш предизвик за сите.
„Најпрво ми се допадна идејата, премисата на филмот. Мислам дека е генијална – распродажба на херои на кило. Брат и сестра крадат споменици, бисти и ги продаваат за старо железо. Премисата е одлична и за истото мислам дека се „залепија“ и копродуцентите“, истакна Јане Ќортошев, продуцент на филмот.
Дејвид Манс, долгогодишниот соработник на Манчевски, и во овој филм е дизајнер на продукција, директор на фотографија е Стефано Фаливене од Италија.
За само една година Манчевски успеа да сними два филма: долгометражниот документарец „Добри луѓе“ и играниот филм „Сестра, брат и шахта“, што е редок случај во светската кинематографија и кои по премиерите продолжуваат со својот пат пред меѓународната публика.
Нина Стефанова












