Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Праизведба на „Фрида“ во Драмски за разбивање на едноличноста во домашната театарска понуда

/

Култура

Сподели преку :

Животот треба да се живее, колку и да е тежок. Ова е пораката на претставата „Фрида“ чија праизведба ќе се одржи вечерва на големата сцена на Драмскиот театар. Станува збор за авторски проект на актерката Драгана Левенска, во соработка со Драмски, посветен на приватниот живот на големата мексиканска сликарка, претставничка на магичниот реализам, Фрида Кало. Левенска, која го напишала текстот заедно со Виктор Јовановски и ја толкува главната улога, вели дека со оваа претстава сакала да ја разбие едноличната понуда од претстави во македонскиот театар денес.

„Посакав целата таа нејзина, нема да кажам биографија, нема да кажам ни приказна, судбина, да се најде на нашата театарска сцена . Бидејќи сметам дека влеговме во една едноличност на театарската сцена и сакав да пробам, да направиме нешто многу различно“, изјави Драгана Левенска, авторка на текстот и актерка.

Според режисерката на претставата, Тамара Стојаноска, сѐ што е поставено на сцената се истражени историски факти за Фрида Кало.

„Се инспирирав од нејзините слики, рекреација на некои нејзини слики, и во мизансценот и како засебни слики. Така што се надевам дека тоа ќе се види и во суштината на претставата и во визуелниот идентитет“, рече Тамара Стојаноска, режисерка на претставата.

Фокусот во претставата е на растргнатоста на Фрида Кало меѓу болното тело што ја заробува и силниот дух што го одбива ропството. А, вториот важен аспект е непостојаната љубов што ја добива од сопругот и познат муралист, Диего Ривера, кого го игра Сашо Тасевски.

„Тој веројатно во неа потсвесно препознал некоја големина, величина. Па, затоа тоа му било како некое врзно ткиво, како лепак двокомпонентен, што така останал со неа и успеал да се врзе со неа. Ама како што знаат сите затоа и двапати се женеле“, вели актерот Сашо Тасевски.

„Требаше да ја најдам силата во мене. Да ја најдам онаа храброст, онаа Фридина храброст, Фридин инает, ајде да кажам и да го најдам мажот во мене, на некој начин“, додава Левенска.

Во ликовите на Жозефина Бејкер и на сестрата на Фрида, Кристина Кало, настапуваат Марија Бреслиска и Марија Талеска. Сценографијата е на Филип Коруновски, костимограф е Иван Ивановиќ, а музиката е на Маријан Неќак.

Сотир Трајков