Во Драмскиот театар се одржа комеморација за Сашо Миленковски, еден од најзначајните македонски режисери, драматурзи и театарски творци, чие дело остави длабок белег во современиот македонски театар. Миленковски и припаѓаше на генерацијата режисери кои на почетокот на 90 те години внесоа нова естетика, современ театарски јазик и силен творечки импулс во македонската театарска уметност.
Многу важни работи научив од Сашо Миленковски за режијата и театарот затоа што тој не седнуваше да ми објасни како се режира, туку ми овозможи да бидам до него, да гледам како работи и како размислува за одредена сцена, барајќи ритам. Со овие зборови режисерот Синиша Евтимов се сеќава на своите први средби и понатамошната соработка со Миленковски.
- Не го интересираше удобниот театар, бараше нерв, бараше живост. Нешто што ќе ја помести сцената и човекот во неа. Мислам дека токму тука беше неговата најголема сила. Не само што создаваше претстави, туку создаваше и луѓе околу претставите. Имаше редок талент да препознае некого и да му даде доверба пред тој самиот целосно да поверува во себе – Синиша Евтимов, режисер.
- Тој неверојатно многу ги сакаше глумците, како ретко кој режисер. Сакаше да истражува нови работи во театарот и за мене тој беше алхемичар. И постојано ги држеше актерите на сцена низ својот нишан. Имаше прецизен нишан – Весна Петрушевска, актерка.
Ниту еднаш не се случи да ја постави онаа претстава што јас ја гледав во својата глава, секогаш тоа беше различно од моите визии и секогаш претставата што ја гледав ми се допаѓаше многу повеќе од мојот текст и од мојата сценска замисла за неа, забележа Венко Андоновски во својот текст кој пред присутните го пренесе (прочита) актерот Предраг Павловски.
- Сашо беше мајстор од апсурдноста на светот да направи смисла, тој инјектираше смисла дури и во најбесмислените животни драмски епизоди. Бараше смисла во аморфното, беше како дете кое во аморфната маса облаци на небото препознава фигури. Тие фигури ги правеше видливи и јасни за театарската публика – Предраг Павловски, актер.
- Ме научи да не почитувам никаков авторитет и заради тоа да сме тоа што сме јас и Хана и од таму да имаме храброст да бидеме најдоброто од тебе и на тој начин да го правиме тоа што го правиме – Сара Миленковска, ќерка на Сашо Миленковски.
Во текот на четири децении творечка работа Сашо Миленковски реализираше повеќе од 50 режии на сцените во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија за кои е добитник на повеќе награди и признанија.
Нина Стефанова












