По 21 година од неговaта црна комедија „ Балканкан “, за која во кината беа продадени 150.000 влезници и уште 20.000 ДВД копии, сценаристот, режисер и продуцент, Дарко Митревски се враќа од Лос Анџелес за да по негово сценарио сними продолжение на популарното филмско остварување.
На денешната средба со новинарите, тој не сакаше да го открие насловот на филмот, за кој рече дека е во работна верзија.
Само кажа дека насловот е инспириран од познат македонски шлагер. Во филмот ќе играат Сашко Коцев, Јелена Јованова и Тони Михајловски, а останатите актери допрва ќе се избираат.
- За двајца луѓе кои што се на дното на општеството , кои што не се присутни во физичката реалност наша, бидејќи никој не ги забележува. Кои што се на раб на егзистенцијата и кои што се сакаат. Единствен начин за бегство од дното е да бидат успешни, не во оваа реалност во која што живееме, туку во лажната реалност , која што исто така ја живееме. А, таа се вика социјални медиуми, рече Дарко Митревски- сценарист , режисер и продуцент.
До следната година, кога е планирано снимањето, Митревски ќе бара и пари за реализација на филмот.
Тој повика медиумите да се вклучат и во афирмацијата, но и во продукцијата на филмот. А, него го опиша како црна комедија- коментар на социјалните мрежи.












