Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Агенцијата за филм собра 390.000 евра од нереализирани проекти – дел се вратени доброволно, дел со присилна наплата

/

Култура

Сподели преку :

Агенцијата за филм собрала 390.000 евра или околу 24 милиони денари од филмски продукции и други правни субјекти што добиле средства за проекти, а не ги реализирале во рок од пет години. Директорот на Агенцијата, Мицевски на денешниот брифинг кажа дека ваквата состојба е резултат на околу 10 години недомаќинско работење кое не било санкционирано. А, средствата ги собирале преку доброволно враќање, извршители, одбивање за учество во првиот рок на конкурсот за поддршка на проекти за оваа година, а поединци меѓу правните лица поднеле барање за враќање на парите на рати.

„Ние сме во незавидна ситуација да мора продуцентите да ги враќаат парите. Тие пари не беа вратени околу 10-тина години наназад. Со тоа што ние им дадовме шанса на луѓево доброволно да ги вратат парите во одреден рок. Дел од нив си ги вратија, дел од нив, за жал, мораа да бидат присилно наплатени“, изјави Сашко Мицевски, директор на Агенцијата за филм.

Мицевски не кажа кои продуценти, режисери или за кои филмови се вратени парите. Рече дека ќе бидат објавени на новата веб страница на Агенцијата за филм што ќе се изработи. Но, беше дециден дека за оние кои нема да ги вратат парите, ќе биде поведена присилна стечајна постапка и дека за тоа ќе ги искористат сите правни механизми.

Директорот на Агенцијата кажа дека 18 кинопроектори што се набавени за домовите на култура во внатрешноста, со одлука на владата пред 15-тина години, не биле доволно користени. Тоа го утврдиле преку проверка на ламбите.

„За еден Дом на култура имаше 17 саати користење на ламбата за 10 години. А, животниот век на ламбата е 20 до 30.000 часови. Тоа многу кажува дали се користела опремата или не“, додаде Мицевски.

Сега кинопроекторите се кај Агенцијата за филм и по нивното сервисирање ќе се вратат на домовите под услов еднаш неделно да прикажуваат домашни филмови.

Иако за распишување на првиот конкурс за поддршка на серии предвиделе околу 440.000 евра, актуелната легислатива го ограничува процесот, рече Мицевски. А, предложените законски измени и дополнувања од нив, доставени до Министерството за култура и туризам, поради реконструкцијата на владата, и покрај очекувањата не се донесени, дополни директорот на Агенцијата за филм.

Сотир Трајков