Филмот „ 17“ на режисерката Косара Митиќ, кој на филмскиот фестивал во Сараево освои 4 награди, публиката на фестивалот во Херцег Нови го оцени како одличен и дека треба да биде дел од образовната програма за средношколци. Овој филм е еден од трите во кои Македонија е еден од копродуцентите, што се натпреваруваат за наградите „Златна мимоза“ на фестивалот.
Филмот „ 17 “ на режисерката Косара Митиќ, кој од светската премиера на „Берлинале“ до сега освои вкупно 9 награди , од кои 4 на последното издание на Филмскиот фестивал во Сараево, беше прикажан во главната натпреварувачка програма за долгометражни играни остварувања на 39. издание на Монтенегро филм фестивал, што се одржува во Херцег Нови. Проекцијата се одржа на летната сцена на Канли кулата.
Долгометражното деби на Митиќ, работено по нејзино и сценарио на Огњен Свиличиќ, е потресна приказна за последиците од врсничкото насилство, но и за вредноста на пријателството. Публиката го оцени како одличен филм што треба да биде дел од образовната програма.
- Поучно е за младите во средните училишта. Би требало да биде можеби дел од некоја образовна програма.
- Потресен филм. Одличен во секоја смисла.
- За мене е одличен. Навистина е одличен. И понатаму сме под впечатоци. Не можеме да станеме.
Според режисерката, филмот се спротивставува на запоставеноста на младите од општеството.
- Овој филм е за емоционалното насилство на тишината што се случува кога молчиме долго време. За последиците од таа тишина, рече Косара Митиќ- косценарист и режисер на филмот.
Чест и одговорност било за Ева Костиќ во ликот на Сара, да дебитира во филм, кој што на фестивалот во Сараево ѝ ја обезбеди наградата „Срцето на Сараево“, за најдобра актерка, вели таа.
- Мене ми е уште лудо. Како да сонувам ми е. Искрено, рече Ева Костиќ- актерка.
Македонија на ФФХН беше застапена и во програмата за вмрежување „ Рандеву“, на која што присуствуваше директорот на нашата Агенција за филм.
-Ние веќе претходната година поддржавме филм во копродукција со Црна Гора. Имавме чест да ги запознаеме филмските работници. И ова е само продлабочување на таа веќе добро воспоставена соработка, истакна Сашко Мицевски- директор на Агенцијата за филм.
Филмот е скапа играчка, па и фестивалите. Еден од поддржувачите на Монтенегро филм фестивал е WeBalkans-проект на Генералниот директорат за проширување на ЕУ.
- Независно дали сте млад режисер што почува сега, студент по режија , дали сте актер или сте некој веќе етаблиран во таа индустрија. Значи, важно е на некој начин да добиете фонд од „ Креативна Европа“ зашто тоа е единственото што функционира. А, тој фонд како што знаете вие, се мери во милијарди евра, рече Самра Лучкин-WeBalkans.
Проекти од Македонија и вечерва на фестивалот. Вечерва на плоштадот „Миќа Павловиќ“, каде се одржуваат проекциите на студентските филмови, ќе бидат прикажани два , во продукција на ФДУ-Скопје. Станува збор за остварувања на авторките Јана Голабоска и Бојана Миовска. А, утре вечер е последниот и трет филм во главната натпреварувачка програма , во кој Македонија е еден од копродуцентите. Станува збор за остварувањето на режисерката Теона Стругар- Митевска, „ Мајка“.
За Телма телевизија од пред Канли кулата во Херцег Нови – Сотир Трајков
Б.С.












