Автобусите на улица, возачите на работа, граѓаните добија јавен градски превоз по вториот успешен обид за гласање на субвенциите на ЈСП. По долга и на моменти жестока дебата советниците со 25 гласа „За“ ја изгласаа точката, а синдикалците одлуката ја поздравија со аплауз.
Ја напуштија салата и излегоа надвор ,па со аплауз беа дочекани од нивните колеги кои од утрината штрајкуваа пред градските бараки.
Не изостанаа кавгите помеѓу советниците,а жестока расправија имаше и помеѓу синдикалците и претседателот на совет Трајко Славески по првиот неуспешен обид за гласање на субвенциите на ЈСП.
Повеќе од осум часа колапс во јавниот градски превоз откако вработените во ЈСП штрајкуваа поради неисплатена декемвриска плата. Паркирани беа и автобусите на приватните превозници кои решија да ги поддржат колегите во одлуката и тие да стапат во штрајк бидејќи како што велат и нив ги засега оваа субвенција. Граѓаните се снаоѓаа со сопствен превоз да стигнат до своите дестинации, па поради паркинг место тешко можеше да се најде, а улогата на јавен превоз беше префрлена и на таксистите кои имаа зголемен број на повици.
Симона Петровска












