Копретседателот на коалицијата „Промената продолжува“ Кирил Петков, што победи на парламентарните избори во Бугарија во неделата, коментирајќи ги бугарско-македонските односи, изјави дека не треба да се урне целиот процес на добрососедството со Македонија и тие да бидат примени во ЕУ само врз база на еден критериум – историјата.
Петков, кој е можен мандатар за новата бугарска влада, повтори дека за решавање на прашањето потребно е да се направат правилни работни групи во кои, освен историчари, ќе влезат луѓе од бизнисот, културата, инфраструктурата. Според него, најлоша варијанта би било темата Македонија да се користи за политички пароли и цели. Во однос на тврдењата во медиумите дека Бугарија е изложена на огромен притисок од страна на САД по тоа прашање, Петков вели дека не постои човек на планетата кој ќе крене телефон и да каже направете го тоа, што ви го кажав.












