Новиот аргентински претседател Хавиер Милеј, кој е економист по професија, во својот говор до нацијата најави „шок третман“ за опоравување од економскиот колапс во земјата. „Нема пари“, изјави 53-годишниот Милеј во Конгресот, најавувајќи дека економијата краткорочно ќе се влоши уште повеќе.
Предупреди дека нема алтернатива за остриот, болен фискален шок за да се оправи најтешката економска криза во земјата во последните децении, во која инфлацијата се движи кон 200%. Милеи им мавташе на поддржувачите за време на поворката до претседателската палата заедно со неговата сестра Карина, доверливата личност која се очекува да игра влијателна улога зад сцената во неговата нова администрација. Меѓу потезите кои ги најавуваше Милеј беа укинувањето на централната банка и замената на националната валута со американскиот долар. Радикалната програма што ја предлага Милеј се покажа популарна меѓу младите гласачи, при што на митинзите излегуваше со моторна пила, симболично покажувајќи како ќе ја отсече државната потрошувачка. Самопрогласен анархо-капиталист, Милеј е тип на политичар кого го споредуваат со Трамп и со поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро.












