Со поените што ги постигна од нашата половина буквално во последните секунди од натпреварот, кошаркарската репрезентација на Македонија ја совлада Данска со 73:70 и со победа го почна новиот циклус на претквалификации за пласман на Европското првенство.
Првиот период од натпреварот во Нествед им припадна на домаќините кои по почетното водство од 5:0 беа во постојана предност која во ниту еден момент не беше изразена со поголема разлика од пет поени.
Во втората четвртина нашиот состав имаше одлично отворање и со серија од 5:0 поведовме со 19:18, а во еден момент имавме и предност од пет поени, која ја одржувавме до полувремето и на одмор заминавме со водство од 34:29.
Во продолжението од натпреварот нашата селекција беше во постојано водство, одржувавме минимална предност, а по 30 минути игра резултатот беше израмнет 55:55.
Во завршните десет минути двата тима беа израмнети и постојано се менуваа во водство. Во последните триесет секунди Данска при резултат 70:70 имаше напад за победа, но Габриел Лундберг не успеа да погоди, а потоа откако ја освоивме топката под нашиот кош, Димитријевиќ од нашата половина упати удар кој заврши низ обрачот за триумф на Македонија од 73:70.
Најефикасен во составот на Македонија со 29 поени беше Димитријевиќ кој додаде по 4 скока и асистенции, Војдан Стојановски и Стојан Ѓуроски постигнаа по 10, а прв стрелец кај Данците со 20 поени беше Дарко Јукиќ.
В недела во Скопје со почеток од 19 часот, Македонија е домаќин на Данска.