– Северна Македонија утре во Брисел ќе ја одржи првата Меѓувладина конференција со ЕУ, на која премиерот Димитар Ковачевски на македонски јазик ќе ја прочита отворачката изјава. Веднаш потоа почнува скринингот кој ќе трае година и половина, а по завршување на тој процес, предвидена е следната меѓувладина конференција со која ќе се комплетира фазата на отворање на преговорите за членство, а нејзиното одржување е условено со измените во Уставот.
Во Софија вчера беше потпишан и билатералниот протокол меѓу Северна Македонија и Бугарија, а претходно состанок одржа меѓувладината комисија на која присуствуваа министерите за надворешни работи Бујар Османи и Теодора Генчовска.
Бугарија е државата која најсилно ја поддржува европската интеграција на Република Северна Македонија и Албанија. Им посакуваме успех на патот по кој долго време сакаа да тргнат. Се надевам дека со заеднички напори и со нашата поддршка ќе стигнат онаму каде што граѓаните на Северна Македонија најмногу сакаат да стигнат, а тоа е членството во ЕУ, изјави бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска по потпишувањето на билатералниот протокол во Софија.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, нагласи дека ова за нас е историска можност што после 17 години кандидатски статус, Република Северна Македонија добива можност да ги почне преговорите со ЕУ.
-Со ова почнува последната фаза од нашето пристапување во ЕУ. Се надеваме дека билатералниот процес со Бугарија и пристапните преговори ќе овозможат поблиска соработка меѓу нашите две држави. Очекуваме поддршка од Бугарија на овој пат, изјави Османи по потпишувањето на Протоколот.
Потпишувањето на протоколот и одржувањето на состанокот на меѓувладината комисија следеа откако завчера предлог-преговарачката рамка на француското претседателство со ЕУ беше одобрена од страна на Владата, по усвојувањето на заклучоците во македонското Собрание по Информацијата по овој документ.
Министерот Османи вчера на брифингот со новинарите во Скопје нагласи дека трите важни прашања за нас и тоа – јазикот, историските прашања да не бидат одредница за отворање и затворање на поглавјата и да почнат преговорите сега, ги добивме..
Од опозицијата сметаат дека Бугарија не го затвара прашањето за македонскиот јазик. Мицковски изјави дека на Извршен комитет на партијата ќе предложи да отпочнат иницијатива за собирање на 150.000 потписи и да направат референдусмко изјаснување
Претходно, по усвојувањето на заклучоците во Собранието за францускиот предлог, Мицковски на прес-конференција информираше дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ потпишале изјава на нотар преку која потврдуваат дека нема да гласаат за уставни измени.
Додека пак од СДСМ сметаат дека ова е голем успех за нашата држава.













