Нема ништо ново од Франција, но и од Европската унија, На два дена пред истекот на француското претседавање со Унијата, премиерот Димитар Ковачевски информираше дека од неговата прес-конференција во Брисел во четвртокот до денеска нема ништо ново по прашањето на францускиот предлог, сепак потврдувајќи дека се водат разговори меѓу Македонија и Бугарија на ниво на МНР.
„Процесот со Бугарија се води од страна на МНР, МНР со своите експертски тимови разговараат со бугарското МНР. Во моментот кога ќе има прифатлив предлог од двете страни тогаш тој предлог ќе може да биде ставен во институциите на Македонија. Во овој момент, таков предлог нема“, изјави Ковачевски.
И додека погледот на Скопје е свртен кон Париз од Брисел директно во македонското собрание стигна веќе познатата реторика – жалење за ветото, но со надеж дека сепак може деновиве нешто да се смени. Вака настапија европратениците кои се дел од Мешовитиот парламентарен комитет на земјава и Европската Унија, а кои со своите македонски колеги денеска одржуваа нова сесија. Ирена Јовева, европратеничка од Словенија со македонско потекло, оптимизмот дека наскоро ќе има договор, но за кој е потребна политичка волја, го испрати на македонски јазик.
„Ни треба, или ви треба, политичка волја. На крајот се завршува со компромис, како и да е никој не може да достигне се што сака, и од една и од друга страна. И мислам ако се најде добра волја, политичка волја и искрена желба за соработка, дека може да се случи нешто добро. И јас верувам во тоа дека може и во овие денови многу нешта да се средат“, рече европратеникот Јовева.
Некои од нив испратија и јасна порака дека на идентитетските прашања не им е место во преговорите.
„Почетокот на преговорите е најдобар начин. Но, разбирам дека има и црвени линии, бидејќи една земја, еден народ, не може прашања за идентитетот, јазикот и историјата да ги стави во преамбулата на Уставот“, порача европратеникот Шидер.
Известувачот за Македонија во европскиот парламент Илхан Ќуќук пак со жалење констатира дека ЕУ не успеало да убеди одредени члнеки, вклучително и неговата земја, Бугарија, да го крене ветото и да се даде зелено светло за Македонија.
„Оваа ситуациија е тројно губење. Тоа е загуба и за Сееврна Македонија и за Бугарија, но и загува и за ЕУ. Многу нешта се во влогот, голем е влогот. Време е за визионерски пристап, за пријатество и за одлуки. Останува еден дел од мозаикот, едно делче од мозаикот, кое што треба заедно да го пронајдеме и ставиме“, рече европратеникот Ќуќук.
Евроамбасадорот Дејвид Гир во има е на Европската комисија пак ги презентираше реформите кои ги исполнила земјава во различни области, но и она што се уште е незавршена работа.
Пред пратениците во име на македонската влада е обрати вицепремирот за европски прашња, Бојан Маричиќ, со порака до Унијата дека сега важно да се задржи и исполни определбата за пристапување на Западниот Балкан и тоа да се случи без одлагање.
„Сега е најважно да се потврдат европските вредности и да се валоризира она што сме го сработиел и земјите-членки да го завршат 18-гидишниот маратон за старт на преговорите“, рече Маричиќ.
Маричиќ притоа пред европските пратеници од Мешовитиот комитет рече дека на Македонија тоа не и треба како подарок, туку како заслужено достигнување и побара од европратениците да се заложат одлуките кои ќе се носат за иднината на ЕУ да го вклучуваат и Западниот Балкан.
Тамара Грнчароска













