Спорт Фудбал

Бугарија прв предизвик за фудбалерите во Лигата на нации

Репрезентацијата на Бугарија е првиот предизвик за македонската селекција која во Разград го почнува новиот циклус натпревари во Лигата на нации.

Првиот дуел во новото издание од ова натпреварување има огромно значење за нашиот состав кој не само што сака да ја продолжи серијата на добри резултати туку и со добар старт да ја почне битката за освојување на првата позиција во групата која носи пласман во повисок ранг, но и можност преку бараж да се бори за ново учество на Европските шампионати.

Покрај фудбалскиот овој дуел има и друг аспект, политички, но двајцата селектори на вчерашната прес конференција беа едногласни, политиката не ги интересира и тие се фокусирани само на фудбалскиот момент, а на крајот нека победи подобриот со надеж дека тоа ќе биде нивниот состав.

Селекторот Благоја Милевски за денешниот дуел има само една дилема околу стартните единаесет. На голот сигурен е Столе Димитриевски. Во одбраната ќе играат Ашковски, Муслиу, Велковски и Алиоски. Дилемата е во средниот ред, дали натпреварот да го почне Спировски или Николов, а меѓу стартерите во офанзивниот дел се Барди, Елмас, Трајковски, Чурлинов и Милан Ристовски.

Денешниот дуел во Разград е вкупно осми меѓу двата тима. Бугарија има четири, а Македонија две победи додека еден натпревар завршил нерешено. Нашата селекција во Бугарија гостува по пауза од 21 година кога во Софија бевме совладани со 1:0, а во последниот меч одигран во 2016-тата Бугарите славеа во Скопје со 2:0. Последната победа Македонија ја забележа во 2013-тата во Скопје, славевме со 2:0, а стрелец на еден од головите беше Александар Трајковски.

Според најавите во Разград се очекува да пристигнат околу 600 до 700 македонски навивачи и за нив е подготвена фан зона која се наоѓа на три километри од градот домаќин со што ќе се избегне било каков контакт со домашните поддржувачи.

Мечот на Лудогорец арената почнува во 18 часот, а правдата ќе ја дели францускиот судија Жереми Пињар.

ФОТО: Игор Паневски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ѓорческа против ланската финалистка Анисимова во првото коло на Вимблдон

Sasko Dimovski

Историја за македонскиот тенис: Лина Ѓорческа ќе игра на Вимблдон

Sportska Redakcija

Вардар ги чека ривалите во Лигата на шампиони: Гигантите демнат од првиот барабан

Sportska Redakcija

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе