Најголемиот производител на масло за јадење Брилијант ја зголеми цената за 20 денари, од вчера по рафотовите се продава по 135 денари и речиси е изедначен со останатите македонски производители, кои имаат повисоки цени. Директорот Коста Ташков за Телма појаснува дека новата цена е резултат на покачувањето на суровината.
Новото сурово масло, кое е набавено од Бугарија, Романија и Украина е со цена од околу 2.200 евра за еден тон, а пред три до два месеца суровото масло на светските берзи се движеше од 1.200 до 1.500 евра за тон. Во моментов кризата со зејтинот се смирува, поради увозот на маслото за јадење од Србија. Според анализите анализите македонските граѓани месечно трошат околу два и пол милиони шишиња, вели Ташков.
Економистите не се изненадени од секојдневното зголемување на цената на прехранбените производи. Сметаат дека конфликтот меѓу Украина и Русија на инфлаторната спирала ѝ даде ветар во грб, којашто почна за време на ковид пандемијата.
Енергетската криза дополнително зададе удар на голем број држави, а најголемиот притисок ќе го трпат европските земји, на чие тло се води војната.
Донесени се мерки за справување со кризата, но тоа направи дупка во буџетот. Граѓаните се посиромашни, кога излегуваат од продавниците ќесите им се попразни, а куповната моќ им се намалува од ден на ден.
Викторија Димитрова Јованова
