Германскиот експерт Јоханес Хајдекер, ангажиран минатата година, останува на советничката листа за зајакнување на економскиот тим на премиерот Ковачевски. Поранешниот менаџер во приватниот сектор ќе се фокусира на зајакнување на деловните односи на Македонија со Германија и со другите европски земји со промоција на начините на снабдување и на економската политика за време на корона кризата. Беше ангажиран минатата година од екс премиерот Заев.
Тимот за економски прашања е најголем. Како надворешни советници се ангажирани универзитетските професори: Предраг Трпески како експерт за пазарот на труд, Ванчо Узунов за Берлинскиот процес и Антон Чаушевски за енергетика. Од банкарскиот сектор доаѓа Глигор Бишев за рационализација и општимизација на процеси, Нина Фити-Неделковска како советник за финансии, професорката од Велика Британија Симона Ристеска за даночна политика.
Од неекономската сфера, советници ќе бидат: екс пратеникот Исмет Рамадани за евроатлантски вредности, Маја Ангеловска за дигитализација и уште неколкумина експерти за одбрана, здравство, образование и социјала.
На листата не е поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, кој беше најплатениот советник на Заев. Бројот на надворешни советници сега е сведен на 12 професори и експерти во своите области. Поранешните премиери имале и по 90 советници на платниот список, а меѓу нив и астролози и лица познати по способноста да ја предвидуваат иднината.
Соња Николовска
