Извршниот комитет на УЕФА денеска, на состанокот во Солун, Грција, ги одреди домаќините на европските клупски финалиња во 2028 и 2029 година. Белград ја доби организацијата на финалето во Лигата на Европа во 2029 година, кое ќе се игра на новиот Национален стадион на Србија, кој сè уште е во изградба.
Финалињата во Лигата на шампионите во 2028 и 2029 година ќе се играат во Минхен и Барселона. Минхенската фудбалска арена ќе биде домаќин во 2028 година, додека една година подоцна европскиот првак ќе биде крунисан на реновираниот „Камп Ноу“.
За стадионот во Барселона тоа ќе биде прво финале во Лигата на шампионите по точно 30 години. Последното се одигра во 1999 година, кога Манчестер јунајтед со два гола во судиското продолжение направи пресврт против Баерн Минхен и славеше со 2-1. Минхен, пак, неодамна беше домаќин на финалето во 2025 година, кога Пари Сен Жермен го совлада Интер со 5-0.
Националната арена во Букурешт ќе биде домаќин на финалето во Лигата на Европа во 2028 година, а следната година завршниот натпревар во второто по ранг клупско натпреварување ќе се игра во Белград. Новиот Национален стадион на Србија се гради во Сурчин и ќе има капацитет од околу 52.000 гледачи.
Во Конференциската лига, домаќини на финалињата ќе бидат стадионот на Јувентус во Торино во 2028 и „Пушкаш арена“ во Будимпешта во 2029 година.
УЕФА ги одреди и домаќините на Суперкупот за 2027 и 2028 година. Следната година трофејот ќе се доделува на „Јохан Кројф арена“ во Амстердам, додека во 2028 година натпреварот ќе се игра во Казахстан, на „Астана арена“ во Астана.
ФОТО: https://www.fenwickiribarren.com/












