Контроверзниот план на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, за влез на приватни инвеститори во комерцијалното работење поврзано со Светските првенства и другите натпреварувања практично е блокиран. Азиската фудбалска конфедерација денеска им се придружи на УЕФА и на Конкакаф и отворено се спротивстави на идејата.
ФИФА планираше да формира нова компанија наречена „ФИФА Форвард Ентерпрајс“, во која би биле обединети нејзините највредни комерцијални активности. Компанијата беше проценета на околу 20 милијарди долари, а ФИФА планираше на приватни инвеститори да им продаде малцински удел до 20 проценти и на тој начин да обезбеди до 4,2 милијарди долари свеж капитал.
Инфантино им испрати писмо на сите 211 национални федерации и им даде рок до 19 септември да се изјаснат за предлогот. Секоја членка можеше да добие до 40 милиони долари во циклусот од 2027 до 2030 година за развој на фудбалот. Доколку планот не добие мнозинство, предвидениот пакет ќе останеше значително помал.
Најсилната реакција дојде од Европа. УЕФА и сите нејзини 55 членки, меѓу кои и Македонија, едногласно го отфрлија предлогот и најавија дека нивните репрезентации нема да учествуваат на натпреварувањата на ФИФА сè додека планот не биде целосно повлечен.
На страната на УЕФА застана и Конкакаф. Конфедерацијата на Северна и Средна Америка и Карибите, заедно со својата 41 членка, го отфрли предлогот поради недостигот од транспарентност, краткиот рок за изјаснување и фактот дека проектот претходно не бил разгледан од надлежните тела на ФИФА.
Последниот удар за Инфантино пристигна од Азија. Азиската фудбалска конфедерација соопшти дека стои солидарно со УЕФА и со Конкакаф и оцени дека планот не може да го добие потребниот широк консензус.
Трите конфедерации заедно обединуваат повеќе од 140 фудбалски асоцијации, значително повеќе од половината членки на ФИФА. Доколку националните федерации го почитуваат заедничкиот став на своите конфедерации, Инфантино повеќе не може да го обезбеди потребното мнозинство за формирање на новата компанија.
ФИФА одговори дека „никој не го продава фудбалот“ и дека такво нешто никогаш не би било разгледувано. Светската организација тврди дека погрешните информации во медиумите го нарушиле планираниот процес на консултации и најави дека сепак ќе им дозволи на сите 211 членки самостојно да го разгледаат предлогот.
Сепак, ФИФА призна дека без поддршка од мнозинството членки, „ФИФА Форвард Ентерпрајс“ нема да биде формирана.
*Фотографијата е изработена со помош на вештачка интелегенција.












