Фудбалот остана без една од своите најголеми легенди и можеби најдобриот дефанзивец на сите времиња. На 66-годишна возраст почина Франко Барези.
Барези целата своја 20-годишна кариера ја мина во дресот на Милан, од дебито во сезоната 1977/78 до пензионирањето во 1997 година. За „росонерите“ одигра 719 официјални натпревари, а капитен на тимот беше цели 15 години.
Со Милан освои шест шампионски титули во Серија А, три трофеи во Купот на европските шампиони, четири италијански и три европски Суперкупа, како и два Интерконтинентални купа.
Барези беше дел од италијанската репрезентација која во 1982 година го освои Светското првенство, но не настапи на ниту еден натпревар на турнирот. Потоа беше првотимец на Мундијалите во 1990 и 1994 година, кога како капитен ја предводеше Италија до финалето, во кое загуби на пенали од Бразил.
Во 2020 година беше назначен за почесен потпретседател на Милан, а клубот во негова чест засекогаш го повлече од употреба дресот со бројот 6.
Барези имаше здравствени проблеми, а во август 2025 година беше опериран поради белодробен јазол. Неговиот последен јавен настап беше на свеченото отворање на Зимските олимписки игри Милано Кортина во февруари годинава, кога беше еден од носителите на олимпискиот оган.












