Игор Марковиќ е именуван за нов селектор на женската сениорска ракометна репрезентација на Македонија, соопшти Ракометната федерација. Црногорецот ќе го наследи Кристијан Грчевски, кој ја предводеше репрезентацијата од септември 2023 година.
Четириесет и четиригодишниот црногорски стратег ќе ја предводи репрезентацијата во подготовките за претстојното Европско првенство, а првиот предизвик ќе го има на турнирот „Трофеј Македонија“.
Марковиќ зад себе има богата играчка кариера, а за репрезентацијата на Црна Гора настапуваше на Светското првенство во 2013 и на Европското првенство во 2014 година. Четири пати беше прогласуван за најдобар црногорски ракометар.
По завршувањето на играчката кариера се посвети на тренерската работа. Со женската младинска репрезентација на Црна Гора го освои шестото место на Европското првенство во 2023 година, а годинава ја предводеше до историското петто место на Светското првенство за ракометарки до 20 години во Кина. Работеше и како помошен тренер во романскиот гигант Рапид Букурешт.
Македонија третпат по ред ќе настапи на Европското првенство, што ќе биде нејзино осмо учество на континенталните шампионати. Ракометарките се најдоа во Б-групата, чии натпревари ќе се играат во Клуж-Напока, а за противници ќе ги имаат домаќинот Романија, актуелниот олимписки, светски и европски шампион Норвешка, како и Швајцарија. Европското првенство ќе се одржи од 3 до 20 декември во Чешка, Полска, Романија, Словачка и Турција.
ФОТО: Ракометна федерација на Македонија
