Кошаркарската репрезентација на Македонија до 18 години го запиша и вториот пораз на Европското првенство од Б-дивизијата. Нашите надежи денеска во Риека загубија од Босна и Херцеговина со 86-75, во рамките на второто коло од групата Д.
Македонија одигра одлични 35 минути, но го испушти натпреварот во завршницата. По првата четвртина нашиот тим имаше предност од 28-23, а на полувремето водеше со 46-41.
Момците на селекторот Миодраг Тодоровиќ беа во водство сè до четири и пол минути пред крајот, кога имаа предност од 71-69. Босна и Херцеговина потоа направи пресврт и со одлична завршница стигна до победа од 86-75.
Григориј Ѓорѓевиќ со 21 поен беше најефикасен во македонскиот состав, додека Ѓорѓи Цветковски постигна 20. Кај Босна и Херцеговина незадржлив беше Един Прелџиќ со 27 поени и 13 скока.
Македонија утре од 10:30 часот ќе игра против Унгарија во третото коло од групата.
