Суспендирана, па приведена. Директорката на гостиварски комуналец Артана Асани со лициси беше спроведена во полиција. Приведени се и уште двајца соработници, техничкиот директор на Комуналец, Леон Нуредини и Вадедин Дервиши шеф на „Водовод и канализација .
-Полициски службеници од ПС Гостивар во координација со Основното јавно обвинителство Гостивар лишија од слобода три лица во врска со сомненијата за загадување на водата во гостиварскиот водовод. Надлежните институции продолжуваат да преземаат дејствија за прибирање докази во предистражна постапка, велат од МВР.
Директорката на гостиварски „Комуналец“ претходно тврдеше дека луѓето се затруле од храна, а не дека водата е загадена. Изјави дека се правел испуст на водата од мрежата, но вода од каналот не влегла во системот за водоснабдување. Пумпите биле користени само еднаш на 26 јуни, но не даде одговор зошто и по дваесет дена тие се уште биле во каналот со отпадни води.
Правната квалификација ќе се знае по прибирање на сите докази велат од обвинителството
Сите прибрани докази до овој момент, како и доказите кои допрва се очекува да бидат доставени се анализираат за да се утврди состојбата од која ќе произлезе правна квалификација на евентуално сторено кривично дело и идентификација на сторителите. Постапката се уште е во фаза на предистрага која е тајна. Веднаш по утврдување на сите околности и донесување на соодветна јавнообвинителска одлука јавноста ќе биде запознаена, велат од Обвинителство.
Во кривичниот законик предвидено е дело “Загадување вода за пиење” според кое:
1.Тој што со некоја штетна материја ќе ја направи неупотреблива водата за пиење во извори, бунари, цистерни или резервоари или некоја друга вода за пиење, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
2.Ако дошло до појава на епидемија на заразна болест, сторителот ќе се казни со затвор од една година до пет години.
Елена Ивановска Муковска
