Словенечкиот судија Славко Винчиќ ќе ја дели правдата на финалето на Светското фудбалско првенство помеѓу Шпанија и Аргентина, кое ќе се одигра в недела на стадионот во Њу Џерси.
Четириесет и шестгодишниот Винчиќ ќе стане првиот Словенец што судел финале на еден Мундијал, а вкупно 23-ти судија во историјата кому му била доверена оваа задача. За своето назначување бил информиран од првиот човек на Судиската комисија на ФИФА, Пјерлуиџи Колина.
Винчиќ досега судеше на три натпревари на Светското првенство – дуелите Бразил – Мароко и Јордан – Алжир во групната фаза, како и пресметката помеѓу Мексико и Еквадор во шеснаесетинафиналето.
Словенецот има големо искуство од најважните натпревари во европскиот фудбал. Тој го судеше финалето во Лигата на Европа во 2022 година помеѓу Ајнтрахт Франкфурт и Ренџерс, како и финалето во Лигата на шампионите во 2024 година, во кое Реал Мадрид ја совлада Борусија Дортмунд. Беше главен судија и на полуфиналето меѓу Шпанија и Франција на Европското првенство во 2024 година.
Помошници на Винчиќ ќе му бидат сонародниците Томаж Кланчник и Андраж Ковачич, додека Германецот Бастијан Данкерт ќе биде главен во ВАР-собата. Финалето меѓу Шпанија и Аргентина се игра на 19 јули со почеток во 21 часот по македонско време.
