МЗТ Скопје следната сезона ќе се натпреварува на три фронта. Покрај домашното првенство и регионалната АБА2 лига, македонскиот шампион ќе настапува и во ФИБА Еврокупот.
МЗТ Скопје се враќа на европската сцена по пауза од речиси една деценија. Последен пат тимот од Аеродром играше во европско натпреварување во сезоната 2016/17, кога настапуваше во УЛЕБ Еврокупот. Во истото натпреварување МЗТ играше и во сезоната 2013/14.
Што се однесува до натпреварувањата под капата на ФИБА, МЗТ последен пат настапи во сезоната 2000/01, кога играше во Купот „Радивој Кораќ“.
ФИБА Еврокупот од новата сезона ќе се игра во проширен формат со вкупно 48 екипи. Регуларната сезона ќе има осум групи со по шест тимови, а двете најдобри екипи од секоја група ќе обезбедат пласман во следната фаза.
МЗТ Скопје е еден од 24-те клубови со загарантирано директно учество во групната фаза. Уште 21 клуб може да се приклучи од квалификациите за Лигата на шампиони, доколку не избори место во тоа натпреварување, додека преостанатите три места ќе бидат пополнети преку квалификациите за ФИБА Еврокупот.
Ждрепката за групната фаза ќе се одржи на 16 јули во Минхен, Германија.
Македонскиот шампион ќе има сериозен предизвик во новата сезона, бидејќи ќе мора да состави квалитетен ростер за да може достојно да се натпреварува на три фронта.
