Партиите и денеска не успаеја да ги надминат разликите околу Изборниот законик. Како што дознава Телма, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ на денешната средна на координаторите на пратеничките групи во Собранието, не отстапиле од своите позиции околу гласањето на дијаспората.
Власта бара дијаспората да гласа електронски или по пошта, додека СДСМ се противи на тоа додека за граѓаните кои живеат во Македонија останува обврската да се појават на гласачко место и да гласаат со отисок од прст.
Со денешниот несупешен обид за договор меѓу двете најголеми партии околу измените на изборниот законик, тој останива заглавен во Собранието со поднесени 10.000 амандмани од страна на СДСМ.
Од СДСМ преку соопштение денеска го обвинија ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, дека се плашат од изборниот резултат и затоа очајнички посегнуваат по изборен грабеж преку неконтролирано електронско гласање на дијаспората и директно ја нарушуваат еднаквоста и сигурноста на изборниот процес.
Свесни дека губат гласови и поддршка кај граѓаните, сега се обидуваат изгубените гласови во државата да ги надоместат преку систем без доволни механизми за контрола, проверка и гаранција за тајноста на гласањето. Затоа ВМРО насилно и на шверцерски начин се обидува да го протурка електронското гласање на дијаспората, иако треба да почне да се применува дури во 2029 година, се наведува во соошштението од СДСМ.
Забелешки на изборниот законик има и партијата Левица пред се за финансирање на политичките партии. За нив спорно е и воведување на повеќе нови прекршоци поврзани со јавното изразување за време на изборниот процес, за што велат дека не било договорено на работната група која работеше на предлог-законот.
Левица најави постапка пред Уставниот суд за Изборниот законик. Левица денеска ги обвини и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ дека од самиот почеток се во заговор Изборниот законик никогаш да не биде донесен.
Триесет години ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги кројат правилата на игра за да им одговара нив. Затоа и сега електронското гласање на дијаспората беше заговор кој ВМРО-ДПМНЕ им го даде на СДСМ за да го оправда нивното блокирање, изјави Амар Мециновиќ, пратеник од Левица.
Мицкоски вчера изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги прифати сите забелешки на социјалдемократите без да ги разгледа, освне таа за гласањето на дијаспората, за која предложи наместо електронски да гласа по пошта. Лидерот на опозицијата, Венко Филипче, веднаш му одговори дека тие не прифаќаат различно гласање на граѓаните во дијаспората од тие кои живеат во земјата.
Во кавгата меѓу власта и опозицијата околу Изборниот законик е вовлечен и евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас. Неговата вчерашна изјава дека предлог-законот е добар и оти чуствува дека има добра волја да се надминат разликите и да се постогне консензус меѓу партиите, беше искористена од ВМРО-ДПМНЕ да се нападне СДСМ.
Изборниот законик го поздравува и Амбасадорот на ЕУ во Македонија, господинот Михалис Рокас, кој додаде дека Македонија ја исполнува обврската која ја има преземено во делот на испорачување на Реформската агенда и јасно бара консензус на сите политички партии за овој Закон, само Венко Заев се противи и смета дека доколку создава блокада на реформските закони дека така ќе добие политички поен повеќе, изјави Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Партиите изминатите денови веќе имаа неуспешен обид да ги надминат разликите околу предлог-законот за кој тече дополнителниот рок до 15 јули да биде донесен, за да може да се вброи во реализирните обврските од реформската агенда за кои грејс-периодот истече на 30 јуни.
Тамара Грнчароска
