Вечерва во Прилеп се крева завесата на 60. јубилеен македонски театарски фестивал „ Војдан Чернодрински“. Натпреварувачката програма вклучува 9 претстави, а во офф програмата ќе бидат прикажани 4. За наградите ќе одлучува меѓународно жири. На вечерашното отворање ќе биде изведена претставата „ Мачкина глава“ на Драмскиот театар од Скопје.А , фестивалот ќе започне со изложба која низ перформанс и артефакти ќе потсети на шестдеценискиот опстој на фестивалот.
Од вечерва до 12 јуни ќе се одржи 60. јубилеен МТФ „ Војдан Чернодрински“. Главнината од програмата ќе се одржи во објектот зад мене, Центарот за култура „Марко Цепенков“.
Ќе бидат прикажани 9 претстави во натпреварувачката програма, откако театарот Комедија од Скопје го повлече учеството со претставата „Ивона –принцезата на бургунд“, без да објасни зошто. Ќе бидат изведени и 4 претстави во офф програмата.
Концептот го направи селекторката и уметничка директорка на фестивалот, Ана Стојаноска, тематизирајќи го „ Кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“.
Отворањето на фестивалот ќе биде во знакот на јубилејот и ќе почне со хибридна изложба, вели Стојаноска.
Потоа ќе бидат врачени наградите за животно дело на актерите Веби Керими, Атила Клинче, на режисерот Сашо Миленковски и на поранешниот директор на Театарот за деца и млади, претходно и технички директор на Драмски театар, Љубомир Чадиковски. Прва претствата од натпреварувачката програма што ќе биде одиграна вечерва е „ Мачкина глава“ , работена по текст на Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, а во продукција на Драмскиот театар од Скопје.
На фестивалот ќе има тркалезни маси за претставите во натпреварувачката програма, кои во завршницата ќе ги оценува за награди, меѓународно жири. Ќе има и трибини, панели, промоции на книги, детска зона, програма „ Драмолетање“, посветена на развојот на текстовите од младите македонски автори и програмата „ Автор во фокусот“. Годинава тоа е Дејан Дуковски, најпоставуваниот наш драмски писател надвор од границите на Македонија.
За Телма од Прилеп- Сотир Трајков
Б.С.
