Ракометниот клуб Охрид го делат уште 60 минути од освојување на Европскиот куп на ЕХФ. Тимот од крај езерото има шанса да го задржи пехарот во Македонија, откако ова натпреварување лани го освои Алкалоид.
Момците на тренерот Борис Ројевиќ имаат позитивен резултат од првата средба во Татабања, односно победа од 29-28, па сè освен пораз вечерва ќе го промовира Охрид во европски шампион.
Реванш-финалниот натпревар се игра вечерва од 20 часот во салата „Билјанини Извори“, која беше распродадена веднаш откако билетите беа пуштени во продажба.
„Кога започна Европскиот куп, Татабања беше апсолутен фаворит. Кога размислувавме за ждрепката, се молевме само да ја добиеме Татабања што е можно подоцна, бидејќи беше апсолутен фаворит.
Меѓутоа, ние имаме добар резултат од Татабања. Сметам дека требаше да биде и подобар, но да не се навраќам наназад што сè се случуваше. Во таа ситуација ќе ни беше полесно.
Го имаме резултатот што го имаме. Зад себе ќе го имаме целиот град Охрид, а тоа го чувствуваме низ сите овие денови. Тензијата малку расте и сите едвај чекаме натпреварот да почне што побрзо“, изјави тренерот Ројевиќ во пресрет на вечерашниот натпревар.
