Вечерва од 20 часот на арената „Тодор Проески“ во Скопје се игра големото финале во фудбалскиот Куп на Македонија меѓу Силекс и Шкендија. Фаворитската улога ја имаат тетовци, но тимот од Кратово во овој натпревар гледа голема шанса за излез на европската сцена.
Шкендија зад себе има фантастична европска сезона, во која настапи во Конференциската лига и стигна до плеј-офот, но на домашна сцена ја загуби шампионската титула од Вардар. Освојувањето на Купот би било мала утеха за тетовци по сезоната во која оставија силен впечаток во Европа.
Силекс, од друга страна, финишираше на четвртото место во Првата лига, па триумф во вечерашното финале ќе значи пласман на меѓународната сцена ова лето.
Двата клуба заедно имаат пет освоени трофеи во Купот на Македонија. Силекс трипати се радувал во ова натпреварување, а последниот трофеј го освои во 2021 година, кога на пенали ја совлада Академија Пандев. Претходно кратовци беа победници и во 1994 и во 1997 година.
Шкендија досега двапати го освојуваше Купот – првпат во 2016 година, а потоа и во 2018-та, кога во финалето во Струмица беше подобра од Пелистер со 3-0.
Во трите меѓусебни дуели сезонава во првенството, Шкендија славеше двапати – еднаш дома и еднаш на гости, додека последната пресметка во Кратово заврши без победник, 1-1.
Влогот во финалето секогаш е голем, а вечерва ќе го добиеме наследникот на Вардар, кој лани го крена пехарот по победата над Струга.
*Фотографијата е креирана со помош на вештачка интелегенција.
