Фудбалскиот клуб Вардар ја освои шампионската титула во Првата лига откако денеска славеше на гостувањето кај Струга со минимални 1-0 и ја задржа предноста од шест бодови пред Шкендија на едно коло до крајот од сезоната.
Стрелец на единствениот гол за „црвено-црните“ денеска беше Стефан Цветковиќ уште во 5-тата минута од натпреварот. Скопјани имаа уште неколку добри шанси за гол во првото полувреме, но не реализираа. Струга притисна во последните 20 минути од средбата, а во главна улога беше Христијан Малески. Напапаѓачот на домашниот тим имаше неколку добри шанси, но и голманот на Вардар, Давор Талески се истакна со одлични интервенции.
За Вардар ова е прва титула по сезоната 2019/20, а вкупно 12-та во Првата фудбалска лига на Македонија.
На останатите денешни натпревари, Шкендија ја победи Брера со 2-1, а Силекс загуби на домашен терен од Арсими.
Утре се играат преостанатите три натпревари од претпоследното коло. Башкими ќе ја пречека Македонија Ѓорче Петров, Шкупи игра со Работнички, додека Тиквеш е домаќин на Пелистер.
ФОТО: ФК Вардар/Фејсбук
