Надлежноста за поранешниот хостел „Бјанко“, кој денес е руиниран, запуштен и небезбеден објект, сè уште останува енигма. Не се знае чиј е објектот кој со години пропаѓа во самиот центар на градот, додека жителите реагираат на небезбедните услови. Институциите немаат конкретен чекор за негово отстранување, затоа што и самите признаваат дека е нејасен имотно-правниот статус.
Од Владата велат дека објектот и земјиштето се на државата со последен запис од 1998 година и се води на Фонд за комунално уредување на градежно земјиште, а тој фонд не постои.
Додаваат дека досега до Министерството за транспорт и врски не била доставена иницијатива за рушење, но најавуваат дека ќе ги известат надлежните институции за случајот.
„Во министерството за транспорт и врски нема поднесено иницијатива за рушење на објектот, но владата ќе ги информира министерството за транспорт и министерството за животна средина и просторно планирање од каде очекуваме да проследат до соодветните инспекторати да извршат увид и да постапат согласно нивните надлежности“, велат од владата.
Од Општина Центар велат дека за оваа локација нема донесено Детален урбанистички план, па во моментов не е можна никаква пренамена или градба на просторот. Додаваат дека градежен инспектор е на терен и се води инспекциска постапка, па повеќе детали не можат да соопштат.
Во меѓувреме, додека институциите ја утврдуваат надлежноста врз објектот, жителите остануваат да живеат покрај руина за која велат дека е сериозен безбедносен и здравствен ризик. Се шири и непријатна миризба, а насобраниот отпад е причина за појава на стаорци.
Симона Петровска
