Кој ќе добие помалку, а кој повеќе пари. Стартуваа подговтовките за ребалансот на буџетот. Овој пат ќе се донесе еден месец порано. Денеска прв во Министерството за финансии да преговара за својата каса стигнал Министерот за здравство Азир Алиу. Но, според најавите од министерството во текот на денот во финансии треба да пристигнат и други колеги на министерката Димитриевска Кочоска. По, овие математички пресметки ќе се види кој ќе добие помалку, а кои повеќе средства.
Од финансии соопштија дека во време на сериозна глобална неизвесност, предизвикана од геополитичките случувања и војната на Блискиот Исток, сите економии – вклучително и македонската – се соочуваат со предизвици поврзани со енергетските текови, инфлацијата и забавувањето на глобалниот економски раст.
Ребалансот ќе биде подготвен согласно среднорочната фискална рамка и стратешките приоритети на Владата – стабилни јавни финансии, фискална консолидација, инфраструктурен развој, енергетска транзиција и подобар животен стандард за граѓаните.
Во меѓувреме Владата излезе со нови полоши прогонози за домашната економија. Според, новата фискална стратегија документ кој е веќе стигнат до собранието наместо првично проектираните 3, 8 отсто, домашната економија годинава се очекува да испорача раст од 3, 5 проценти. Спласна владиниот оптимизам и за инфлацијата. Па, така очекувањата се дека наместо 2, 5 годинава да биде 4, 5 отсто.
Иако, заклучно со првиот квартал се исполни голем процент од планираниот буџетски дефицит за годинава и до крајот на 2026 останува да се потрошат уште 230 милиони евра, во стратегијата во овој дел нема измени. Но, допрва ќе се види дали кај минусот во државната каса ќе има корекција.
Во стратегијата стои и дека се очекува намалување на извозот од домашните компании, но и можност да се одложат нивните планирани инвестиции поради воениот конфлик на Блискиот исток. Како и од НБРМ, така и од финансии соопштија поголем дефицит на тековната сметка.
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.
