ТФТ Скопје вечерва од 19 часот го пречекува Широки Брег во вториот натпревар од финалната серија во АБА2-лигата. Скопјани мора да слават во салата „Лазар Лечиќ“ во Градскиот парк за да изборат мајсторка на теренот на противникот.
Тимот на тренерот Боро Смилковски минатата среда загуби на гостувањето кај Широки Брег со 88-69. Иако конечниот резултат делува убедливо, не го отсликува целосно текот на натпреварот. ТФТ одигра одлично прво полувреме, во кое имаше контрола на играта и резултатот. По првата четвртина водеше со 25-21, а на паузата замина со предност од 44-37.
Сепак, во второто полувреме следуваше пресврт. Широки до крајот на третата четвртина го презеде водството (64-62), по што ТФТ целосно ја загуби играта. Домашниот тим направи серија за двоцифрена предност и на крајот стигна до убедлива победа.
И покрај поразот, ТФТ покажа дека има квалитет да се надигрува со најдобриот тим во лигата, кој сезонава има само еден пораз во АБА2. Широки има максимални четири победи во меѓусебните дуели, но секоја серија има свој крај.
Вечерашниот натпревар е „да се биде или не“ за скопскиот тим – победа значи продолжување на финалната серија и мајсторка, додека пораз ќе значи крај на сонот за пласман во АБА-лигата, каде што шампионот ќе настапува следната сезона.
ФОТО: (Широки ТТ Кабели/Антонио Слишковиќ)
