Наставно-научниот кадар на секоја од единиците во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, денеска од 12 до 14 часот со тајно гласање ќе избира помеѓу двајцата кандидати за нов ректор на УКИМ – Биљана Ангелова и Дарко Данев.
Тие се кандидираа на огласот за ректор на Универзитетот, за мандатниот период 16 септември 2026 – 15 септември 2029.
Проф. д-р Биљана Ангелова, која е во трка за втор мандат за ректор, е кадар од Економскиот институт, а проф. д-р Дарко Данев е редовен професор и поранешен декан на Машинскиот факултет на УКИМ.
Право на глас имаат членовите на единиците (факултети и институти) на УКИМ, кои се запишани во единствениот избирачки список што го утврди и објави Универзитетската изборна комисија .
Предвидени се и термини за евентуално прегласување, заедно со рок за приговори и нивно разгледување, а на 14 мај ќе бидат објавени конечните резултати.
