Претседателот на СДСМ Венко Филипче побара од Владата веднаш да испрати барање до Унгарија за екстрадиција на екс премиерот Никола Груевски. Барањето следува откако новоизбраниот премиер на Унгарија Маѓар рече дека „земјата повеќе нема да биде засолниште на криминалци“.
„Сега се поставува што ќе прави сега Никола Груевски, кога нема повеќе заштитник во Будимпешта? Години наназад уживаше гостопримство. Ќе бега ли во Русија или на друго место или ќе се врати да ја отслужи казната? Ја поздравувам јасната и недвосмислена порака на новиот унгарски премиер од вчерашната прес конференција дека ќе ги испорача оние кои се кријат на нивна територија и кој конечно го означи Никола Груевски како криминалец. Ова е крај на ерата кога Будимпешта беше безбедно засолниште за сите осудени криминалци. Бидејќи ЗНАМ веќе ја честиташе победата на Маѓар, прашањето е има ли барање поднесено досега од оваа влада за екстрадиција на Груевски? Доколку нема, зошто нема, и дали денес ќе поднесе барање? Време е за правда, време е за Европа, кај нас и во целиот регион“, рече Филипче.
Филипче ги обвини властите и дека „ги ставиле стратешките интереси на Македонија во рацете на Орбан“ , но не заради интересите на државата и на граѓаните, туку заради свои лични интереси“.
„Македонија со години е во медиумски мрак поради медиумите контролирани од Орбан со кои директно управува ВМРО. Резултатот е политичка aлатка на Мицкоски и ВМРО за лажни вести и напади против СДСМ и мене лично“, рече Филипче.
