Ана Митреска, која и досега беше вицегувернерка, и Игор Величковски, директор на Сектор во Народната Банка се предлози за нови вицегувернери, дознава Телма. Предлозите на актуелниот гувернер Трајко Славески се испратени до Собранието кое треба да ги разгледа и да ги изгласа.
Митреска е номинирана за втор мандат, откако првпат на таа позиција беше избрана во октомври во 2018-тата, со седумгодишен мандат до ланскиот октомври. Пред да биде избрана, повеќе од седум години била директор на Дирекција за монетарна политика и истражувања во Народната банка.
И Величковски доаѓа од внатрешниот круг на Народната Банка, а во моментот е директор на Сектор за операции на финансиски пазари и платни системи. Гувернерот го предлага на местото на вицегувернерката Емилија Нацеска, која имаше седумгодишен мандат по изборот во октомври 2018-тата.
Од Народната банка ги отфрлаат тврдењата дека се кочи изборот на вицегувернери или дека функционирањето на Народната банка е доведено во прашање.
Согласно член 55, став 3 од Законот за Народната банка, член на Советот на кој му истекол мандатот, до именување на нов член, ги има истите овластувања и ги извршува истите задачи утврдени со закон. Ова обезбедува континуитет во работењето и гарантира стабилност и непречено функционирање на институцијата, што е во согласност и со насоките на Меѓународниот монетарен фонд.
