Се зголемува бројот на луѓе во Кичево кои се во неизвесност и страв каде ќе живеат, откако излевањето на реката Зајашка им ги поплави и целосно уништи куќите, пред се во населбата помеѓу речното корито и улицата „Прилепска“ каде има и дел импровизирани објекти. Црвениот крст ги сместува во спортска сала каде преноќија, а најверојатно ќе останат таму и во догледно време.
„Овде точна бројка, не знам колку има фамилии. Ама негде сме 130 куќи, 250/260 луѓе со се деца. Куќите ни се сега во „Прилепска“, ама не може веќе, нема пристап во тие куќа, пред месец исто имавме поплава“, вели загрозен жител.
Сите населби кои се наоѓаат долж реката позната и како Темница се погодени од излевањето. Велат со децении вакви поплави немало. Денеска со пумпи и црева ја отстрануваа водата, а ќе мора да фрлат голем дел од уништетната покуќнина.
„Поплава гледаш беше од врбава, имаше каучи, шишиња, работи многи, се носеше рекава“, раскажува граѓанин.
„Ептен набрзина се случи целата работа, во 9:30 ги видов овие што беа поблиску до реката ги имаа колите извадено. Успеав и двете коли да ги тргнам од гаража. Во 11 часот веќе ова ниво беше постигнато. За сааат и пол максимум“, изјави негов сосед.
„Вода дојде многу брзо. Во 10 часот ми се јави комшијата, преливаше реката од задната страна, за пола саат се наполни едно метро. Ова се случи и пред месец и пол, само беше многу помала вода, не беше санирано. Да беше исчистено коритото, немаше да дојде до ова, смета жител на погоденото подрачје.
„Во минативе 59 години, колку што знам четврта или петта поплава, но вака брзо да не поплави, во рок од 20 минути да постигне висина од метар ова досега се нема случено“, истакна жител на попладениот дел.
„Дојдоа багери, да ви кажам цело време имаше. Што имаше од локална самоуправа пратија, и приватни багери и се дојдоа, некои по некое време излегува таму на реката, цела вода од цел град се собра овде вака“, вели нивни сограѓанин.
Според градоначалникот на Кичево има подолготрајно решение за спречување на вакви непогоди во иднина.
„Бидејќи 12-13 години никаков зафат не е неправен во однос на чистење на реката, нивото на реката е подигнато некаде метар и половина некаде и два метра. Ова не е прва поплава откако сум градоначалник. Се обидовме да преземеме нешто, но не се работи. Нè спречуваат дождови и снегови. Сега ангражиравме сè што е можно и ќе работат сè додека не се доведе во првобитна состојба пред 12-13 години, ќе се симнеме скоро два метра надолу за никогаш повеќе ова да не се повтори“, најави Александар Јовановски, градоначалник на Кичево.
Кичевчани освен што се борат со последиците, стравуват дека ќе имаат дополнителни проблеми поради најавите за нови врнежи од дожд.
Александар Самарџиев
