Македонија официјално доби трет мобилен оператор. Компанијата Оне Мацедониа, во сопственост на унгарската 4иГ, официјално ја доби лиценцата за влез на македонскиот пазар од Агенцијата за електронски комуникации.
Компанијата очекува во наредните пет години да заземе значителен удел на телекомуникацискиот пазар, кој ќе се мери во двоцифрени проценти. Во земјава веќе функционираат два мрежни телекомуникациски оператори кои држат околу 96 отсто од пазарот, плус уште четири виртуелни оператори. Директорот на Оне Мацедониа вели дека во повеќето земји има по 3 или 4 оператори, па е уверен дека има простор и за нив. Најавуваат нови услуги и атрактивни цени, но не беа конкретни колкаво поевтинување може да се очекува.
„Ние сме стратешки инвеститор, ние не сме приватна инвестициска компанија која доаѓа, купува нешто и сака да го продаде за 5 години. Ние имаме време да останеме овде и да го рашириме бизнисот. Мислам дека тоа е многу важно. Ние дефинитивно сакаме да создадеме предлози кои се многу различни од оние што сега ги има. Поедноставни, полесни за користење, полесни за наоѓање, полесни за купување, а секако и со поатрактивни цени“, изјави Пал Заранди, претседател на одборот на директори на „One Macedonia“.
Лиценцата ја платиле 8 милиони евра, а планираат да инвестираат 100 милиони евра во изградба и развој на мрежа, за што ќе користат европска опрема од шведски Ериксон. Според договорот, третиот оператор треба да го покрие Скопје до крајот на првото тримесечје од наредната година. До 2032 година со 5г мрежа треба да биде покриена целата територија на земјата. Додека да ја изградат нивната, ќе ја користат мрежата на постојните оператори.
Директорот на АЕК Јетон Акику вели дека ако се појави потреба и интерес, има простор за влез и на четврти мобилен оператор.
Унгарската телекомуникациска компанија „4iG“ важи за блиска до премиерот Виктор Орбан, а интерес за влез на македонскиот пазар пројавија по смената на власта. Унгарците веќе работат во Албанија и во Црна Гора преку својот бренд ОНЕ, а сега влегуваат и во Македонија.
Во Македонија до 2015 година имаше три мобилни оператори, но тогашните Уан и ВИП се споија во една фирма Уан.Вип, која во 2019 се преименува во А1 Македонија. По спојувањето, АЕК им одзеле дел од фреквенциите, токму за да остават простор за евентуален влез на трет мобилен оператор.
Срѓан Стојанчов
