Uncategorized Вести Економија

ЕУ и МЕРКОСУР пред потпишување на голем трговски договор

Европската Унија и блокот на јужноамерикански држави наречен МЕРКОСУР денеска во Парагвај ќе го потпишат долгонајавуваниот договор за слободна трговија. Документот е опишан како историски и најамбициозен досега, на него се работеше над 25 години, неколку пати беше одложуван, а за да стапи во сила ќе биде потребна ратификуван во Европскиот парламент. МЕРКОСУР е кратенка за Јужен заеднички пазар и основан е како регионален трговски договор во 1991 година од Аргентина, Бразил, Уругвај и Парагвај.

„Ова беа повеќе од 25 години страдање и обиди за постигнување на договор. Европската Унија и МЕРКОСУР ќе напишат историја со создавање на една од најголемите зони на слободна трговија во светот, која ќе обедини околу 720 милиони луѓе и БДП од повеќе од 22 трилиони американски долари“, изјави Луис Игнасио Лула да Силва, претседател на Бразил.

Земјите членки на Европската Унија официјално го одобрија потпишувањето на договорот за слободна трговија со Меркосур, соопшти Кипар, кој претседава со ротирачкото претседателство на ЕУ. Според дипломатски извор од ЕУ, пак, 21 земја членка гласала за одобрување на договорот, додека Австрија, Франција, Унгарија, Ирска и Полска биле против, а Белгија воздржана. За одобрување беа потребни најмалку 15 земји што претставуваат 65 отсто од населението на ЕУ. За да ги придобие скептичните земји, Европската комисија воведе заштитни мерки што овозможуваат суспензија на увозот на чувствителни земјоделски производи, ја зајакна контролата на увозот, формираше кризен фонд и најави дополнителна поддршка за земјоделците.

„Договорот на ЕУ со МЕРКОСУР испраќа моќна порака. Тој вели: добредојдовте на најголемиот пазар во светот и најголемата зона на слободна трговија на планетата. Ова е моќта на партнерството и отвореноста. Ова е моќта на пријателството и разбирањето меѓу луѓето и регионите преку океаните. И вака создаваме вистински просперитет“, рече Урсула фон дер Лајен, претседателка на ЕК.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц го поздрави гласањето како „пресвртница“, оценувајќи дека договорот ќе биде добар за Германија и за Европа, но додаде дека 25 години преговори се предолго и дека идните трговски договори мора да се склучуваат побрзо. Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта го оцени договорот дека носи конкретни придобивки за европските потрошувачи и компании. Во објава на социјалната мрежа Икс, тој наведе дека договорот е важен за суверенитетот и стратешката автономија на ЕУ, бидејќи ѝ овозможува на Унијата да ја обликува глобалната економија.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Обвинителот Цветановски за „мазутот“: Предмето е обемен минатиот четврток добив 60 кутии, сега интензивно работам

Дејан Дејан

Србите на кои им беше забранет влез во Црна Гора планирале собири за поддршка на Вучиќ

Дејан Дејан

„Трансформирана меморија“ самостојна изложба на Данчо Ордев, вечерва во галеријата Остен

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе